Две американски и една германска компанија годинава треба да отворат 4.000 нови работни места во Македонија. Според премиерот Никола Груевски овие инвеститори, чии имиња не се објавуваат, донеле интерни одлуки за отворање фабрики за делови или кабли за автомобилската индустрија, кои треба да се градат во Тетово, Струга и Скопје. Фабриките во Тетово, Струга и Скопје, сите заедно, ќе вработат околу 4.000 луѓе. Во фабриката во Тетово е најавено 2.000, во Струга околу 1.500 и до 500 лица во фабриката во близина на Скопје. Додека се чека овие компании да ги официјализираат своите интерни одлуки, друг странски инвеститор веќе го објави првиот оглас за вработувања во фабрика за кабли за автомобилската индустрија, која ќе се гради во кавадаречкиот регион.
Две американски и една германска компанија годинава треба да отворат 4.000 нови работни места во Македонија.
Според премиерот Никола Груевски овие инвеститори, чии имиња не се објавуваат, донеле интерни одлуки за отворање фабрики за делови или кабли за автомобилската индустрија, кои треба да се градат во Тетово, Струга и Скопје.
- Фабриките во Тетово, Струга и Скопје, сите заедно, ќе вработат околу 4.000 луѓе. Во фабриката во Тетово е најавено 2.000, во Струга околу 1.500 и до 500 лица во фабриката во близина на Скопје - рече Груевски, кој смета дека пазарот почнува да се раздвижува.
Додека се чека овие компании да ги официјализираат своите интерни одлуки, друг странски инвеститор веќе го објави првиот оглас за вработувања во фабрика за кабли за автомобилската индустрија, која ќе се гради во кавадаречкиот регион. Првиот оглас е за менаџери, а планот е во наредните неколку години во фабриката да се вработат 4.000 лица. Освен ова, во најава е и белгиска инвестиција во слободната економска зона "Скопје". Таму белгиски производител ќе гради фабрика за автобуси, а 2.200 работни места ќе се отворат и во новиот трговски центар во Карпош во Скопје.
Премиерот Груевски најавува интерес за инвестирање и од јапонско-италијанска групација, која е една од најголемите производители на автомобилски делови во светот од Јапонија, која заедно со италијанска компанија планира фабрика за автомобилски делови во Македонија. Премиерот најавува дека интерна одлука за изградба на фабрика за автомобилски делови во близина на Скопје донела и британска компанија, која ќе инвестира околу 60 милиони евра, а пред таква одлука е и странска компанија која има намера во Струга да отвори фабрика од хемиската индустрија. Според Груевски, сево ова е знак дека нашата држава станува атрактивна за странските инвеститори затоа што условите за правење бизнис стануваат се подобри, но и затоа што државата има агресивен настап на странскиот пазар по однос на промовирање на тоа што го нудиме.
Кога ќе се соберат инвестициите кои се во тек, тие кои се пред реализација и најавените, Владата очекува годинава во Македонија да се градат 10 нови фабрики, претежно од автомобилската индустрија, во кои ќе се отворат илјадници нови работни места. Со ова ќе се реализираат плановите годинава да ја завршиме со 300 до 500 милиони евра директни странски инвестиции. Минатата година странски компании во државата вложија вкупно 300 милиони евра, што се вклопи во владините планови за салдото на странски инвестиции.